Мицкоски ја заборави помошта од Србија: Не сме акционерско друштво за да снабдуваме со нафта

 

 На новинарско прашање дали Македонија би можела да го снабдува јужниот дел од Србија со нафтени деривати поради актуелните проблеми во тамошната нафтена индустрија, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Владата ги разгледува сите опции, но нагласи дека државата нема улога на трговски субјект.

„Ние не сме акционерско друштво за да снабдуваме јужна Србија или земји од регионот. Тоа е работа на приватните компании што се занимаваат со тој бизнис“, рече Мицкоски. Тој додаде дека државата ги спроведува сите неопходни активности за продуктоводот, кој со години бил запоставен, конечно да биде вратен во функција.

Според него, техничките испитувања се при крај, а наскоро треба да започнат и пробите под притисок. „Ценовникот е усвоен на седница на Владата и очекувам годинава продуктоводот да биде пуштен во употреба. Потоа, компаниите, доколку имаат интерес, ќе си ја вршат својата работа“, нагласи премиерот.

Паралелно, Србија се соочува со сериозни предизвици поврзани со работењето на НИС. Претседателот Александар Вучиќ вчера предупреди дека, доколку компанијата не ја добие потребната американска лиценца до крајот на денот, земјата влегува во „тешки денови“. Како што посочи, негативниот исход би значел целосен застој на рафинеријата, а од понеделник ниту една банка не би соработувала со НИС.

Вучиќ оцени дека шансите за добивање на лиценцата се 40%, додека 60% се можности Вашингтон да донесе негативна одлука.