Фолк-пејачката Сања Цинцева – Барби во гостувањето кај Давид Давидовски во емисијата „Давид на Прва“ искрено проговори за реакциите и критиките што ги доби поради нејзиниот настап во живо на една национална телевизија. Дел од гледачите коментираа дека во првата песна имало вокален пропуст, но пејачката тврди дека станува збор за погрешно сфатена ситуација.
„Отпеав седум–осум македонски песни во живо, а целото внимание се насочи кон првата. Не беше фалш, туку недоразбирање со музичарите. Настап во живо е, такви работи се случуваат,“ истакна Цинцева.
Таа додаде дека на македонската естрада постојат многу посериозни грешки кои поминуваат незабележано, но дека кај неа, како што рече, секогаш се бара „влакно во јајце“.
„Многу колеги имаат слични ситуации, но никој не реагира така. Очигледно сум интересна тема. Работам напорно и секогаш се трудам да изгледам и да звучам професионално,“ потенцираше пејачката.
Во истото издание на емисијата гостуваше и младиот модел и инфлуенсер Филип Петровски, кој за првпат јавно проговори за тешкото детство и растењето со своите баба и дедо.
„Тие беа мојата најголема поддршка. Благодарение на нив израснав во личноста што сум денес,“ сподели Петровски, откривајќи дел од емоциите што ретко ги отвора пред јавноста.
Тој раскажа и една анегдота од младоста која неодамна предизвика реакции на социјалните мрежи, а ја претстави со лесен, хумористичен тон, нагласувајќи дека „многу работи со време стануваат само смешни спомени“.
