Кога избувна пожарот во дискотеката во Кочани, Борче Јованчевски беше меѓу првите што реагираа, повикувајќи на помош и обидувајќи се да ги извлече заглавените. Неговата брза реакција ги поттикна и другите граѓани да се вклучат во спасувањето, додека тој неуморно влегуваше во огнената стихија за да помогне.

„Кога пејачите повикаа сите да излеземе, почнавме да се повлекуваме. Ја држев сопругата за рака, но поради јаглерод моноксидот се онесвестив. Кога се разбудив, сфатив дека таа не е покрај мене. Се обидов да најдам излез, но бевме заглавени. Со последни сили се искачив и паднав надвор. Првото што направив беше да си истурам вода на лицето и да почнам да помагам – луѓето беа заробени, подаваа раце, а јас се обидував да ги извлечам,“ раскажува Јованчевски.
Покрај него бил и член на обезбедувањето, кој успеал да спаси многу животи.

„Во еден момент, додека тргнував една горечка даска, забележав испружена рака и го слушнав моето име – тоа беше мојата сопруга,“ сведочи тој.
Успеал да ја извлече и веднаш ја однел во болница, каде што го затекнала морничава сцена – родители очајно ги барале своите деца.
„Сопругата сега е во Скопје, а јас се молам за неа и за сите деца да оздрават,“ додава Јованчевски.