НАМЕРЕН ДЕФИЦИТ СО ДИЗЕЛ ГОРИВО ВО МАКЕДОНИЈА: МАКПЕТРОЛ НЕ ТОЧИ ДИЗЕЛ ГОРИВО

 Возачите низ Република Македонија денес се соочија со сериозни потешкотии при точење дизел гориво, откако дел од најголемите бензински пумпи во земјата престанаа да продаваат дизел. Меѓу нив се и „Макпетрол“ АД Скопје, како и „Црна Река“, како и неколку помали бензински пумпи. Пред затворените пумпи се создадоа редици од возачи кои останаа без можност да наполнат гориво, што предизвика незадоволство и загриженост.

Според информации до кои дојде Портал 24/7, причината за ваквата состојба не е недостаток на дизел гориво во земјата, туку економската неисплатливост за дистрибутерите. Имено, цената на дизелот што ја утврдува Регулаторната комисија за енергетика изнесува 71 денар за литар, додека набавната цена на компаниите, според извори од пазарот, е повисока за околу три денари. Тоа практично значи дека компаниите би продавале гориво со директна финансиска загуба.

Во вакви услови, дел од дистрибутерите одлучиле привремено да ја запрат продажбата на дизел со цел да избегнат дополнителни загуби. Овој потег, иако создаде проблеми за возачите, воедно укажува на сериозноста на ситуацијата со регулираните цени на горивата.

Дополнителен фактор што ја усложнува состојбата е динамиката со која се коригираат цените на горивата. Наместо почести усогласувања со движењата на светските пазари на нафта, цените во земјата се менуваат еднаш неделно. Во периоди кога цената на суровата нафта нагло расте, ваквиот модел ги остава дистрибутерите со денови да продаваат по цена која не ја покрива нивната набавна вредност.

Сепак, според истите извори, граѓаните нема потреба да стравуваат од физички недостиг на гориво. Во државата има доволни резерви на дизел, а складиштата се полни. Проблемот е исклучиво економски и поврзан со регулираната малопродажна цена.

Додека дел од пумпите не точат дизел, неколку компании продолжуваат со снабдување. На бензинските станици на ОКТА дизел се точи без ограничување, додека на ЛУКОИЛ количината е ограничена на максимум 50 литри по возило.

Се очекува надлежните институции во најкраток можен рок да ја разгледаат состојбата и да донесат одлуки што би овозможиле нормализација на снабдувањето со дизел гориво на пазарот.