Градоначалникот на Мелбурн разочаран од Македонците: Караниците за знамиња да си ги остават дома

 Градоначалникот на Мелбурн, Nicholas Reece, изрази жалење и разочараност поради одлуката на македонската заедница во Австралија да ја бојкотира традиционалната парада Moomba Festival, откако организаторите воведоа забрана за користење знамиња со Сонцето од Кутлеш.

Во изјава за австралиската телевизија ABC News, Рис истакна дека очекувал македонските културни друштва да бидат дел од настанот, нагласувајќи дека „Мумба“ е празник на заедништвото и семејната забава.

„Навистина е разочарувачки. Се надевав дека ќе бидеме заедно таму и со нетрпение очекував да ги видам на парадата. ‘Мумба’ е ден за радост и забава за семејствата. Би сакал старите расправии околу знамиња и слични прашања да останат надвор од вакви настани, за луѓето едноставно да можат да излезат и да уживаат во денот“, изјави Рис.

Одлуката за бојкот беше образложена од страна на Federation of Macedonian Cultural and Artistic Societies of Victoria, која смета дека забраната за знамиња со Сонцето од Кутлеш претставува ограничување на културниот и националниот идентитет на Македонците.

Во меѓувреме, дел од Македонците во Австралија остро реагираа на социјалните мрежи. Во објави на Фејсбук-групата Macedonian Australian Pride, градоначалникот беше претставен како политичар кој, според нивните тврдења, има блиски врски со грчката заедница во Мелбурн.

Како аргументи се наведуваат негови јавни изјави и активности поврзани со грчката заедница, меѓу кои и фактот дека неговата сопруга, Фелисити Пантелидис, е со грчко потекло, како и неговото учество на настани организирани од Greek Community of Melbourne. Дополнително, се спомнува и неговата поддршка за враќање на скулптурите од Партенон во Грција, како и комуникацијата со претседателот на грчката заедница, Бил Папастергијадис.

Целата ситуација повторно го отвори чувствителното прашање за симболите и идентитетот на македонската дијаспора во Австралија, особено во мултикултурна средина како Мелбурн, каде што живеат големи и влијателни заедници од различни етнички потекла.