Српските медиуми информираат дека синоќа е фрлена експлозивна направа во семејниот дом на познатиот пејач Здравко Чолиќ во Белград. По силната детонација, на местото веднаш пристигнале полициски екипи, а поширокото подрачје било целосно обезбедено.
Како што објавува порталот Telegraf.rs, увид на лице место извршиле припадници на Министерството за внатрешни работи, заедно со дежурен обвинител од Вишото јавно обвинителство во Белград, кој ја координирал истрагата. Форензичарите собирале траги и материјални докази, додека паралелно се прегледуваат и снимки од надзорни камери во околината.
Според досегашните информации, во инцидентот нема повредени лица, но на објектот е причинета значителна материјална штета. Неофицијално, пејачот не се наоѓал во домот во моментот на експлозијата.
Настанот се случил во елитната белградска населба Дедиње, а надлежните органи продолжуваат со истражните дејствија за целосно расветлување на случајот и утврдување на мотивите за нападот.