Европското првенство за Македонија започнува без Филип Талески и Дејан Манасков, откако селекторот Кирил Лазаров одлучи да не ги вклучи во ростерот за второто големо натпреварување по неговото преземање на репрезентацијата.
Во пресрет на премиерниот меч против домаќинот Данска, данската телевизија ТВ2 на последниот тренинг побара објаснување од Лазаров за изоставувањето на двајцата ракометари, како и дали нивните јавни изјави влијаеле врз одлуката. Селекторот одговори смирено и без простор за дополнителни контроверзии, задржувајќи јасен и принципиелен став.
„Секоја репрезентација може да има најмногу 20 ракометари во ростерот и тоа е така на секое вакво натпреварување. Талески не беше во добра форма откако го промени клубот, додека Манасков беше повикан во репрезентацијата во ноември, но тој одби да дојде и сите го знаат тоа. Немам што да додадам, нема потреба од правење циркус“, изјави Лазаров за ТВ2.
Македонската селекција вечерва од 20:30 часот ќе го одигра првиот натпревар на шампионатот против Данска во „Јуске Банк Боксен“.
