На територијата на Националниот парк „Шар Планина“ е регистрирана лавина, откако опасна комбинација на временски услови во изминатите денови довела до сериозна нестабилност на снежната покривка.
По добиена дојава за појава на лавина, екипи на Националниот парк „Шар Планина“ итно се упатиле на терен и започнале со пребарување и увид на зафатеното подрачје. Истовремено се спроведува и стручна анализа на состојбата на снежната покривка, со цел проценка на ризикот од нови лавини.
Според првичните проценки на експертските тимови, лавинската опасност е оценета со степен 4 според европската скала за лавински ризик, што укажува на висок и сериозен ризик, при што можни се нови лавински појави.
Надлежните апелираат на максимална претпазливост и избегнување движење во ризичните подрачја. Засега нема официјални информации за евентуални загинати, а теренските активности продолжуваат.