Специјалците во акција: Разбиена е голема криминална група во Тетово

 Утрово во раните утрински часови, полицијата спроведе координирана акција во тетовското село Брвеница, при што е разбиена поголема криминална група и се лишени од слобода пет лица, информираат од СВР Тетово.

Акцијата е реализирана на 28 јануари 2026 година околу 06:40 часот од страна на специјалците на МВР. Врз основа на судска наредба биле извршени претреси во повеќе куќи, помошни простории и патнички возила на подрачјето на селото.

Во рамки на претресите, кај осомничениот И.Ј. (43) биле пронајдени пет паковки со бела прашкаста материја, 52 куршуми за автоматска пушка калибар 7.62, два куршуми за пиштол и една чаура од автоматска пушка.

Кај С.З. (36) полицијата открила 20 куршуми од автоматска пушка, пиштол и рамка со два куршуми кои ги поседувал без дозвола, како и дигитална вага со остатоци од бела прашкаста материја, што укажува на активности поврзани со трговија со дрога.

При претресот кај Д.П. (69) бил пронајден и одземен пиштол без дозвола, како и ловен карабин, ловна пушка и пиштол кои ги поседувал легално. Кај Д.П. (65) пак, биле пронајдени списоци и тетратка со имиња на повеќе лица, два компјутери и поголема сума пари – околу 31.640 евра, 3.400 швајцарски франци и 56.500 денари, што дополнително го засилува сомнежот за организирано криминално дејствување.

Кај петтиот осомничен, С.З. (42), била пронајдена бела прашкаста материја.

Сите осомничени се задржани во полициска станица, а по целосно документирање на случајот против нив ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави по член 396 (недозволено изработување, држење и тргување со оружје) и член 215 (неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги) од Кривичниот законик.