На 23 јануари 2026 година, во 08:50 часот, во Одделението за внатрешни работи во Виница била пријавена измама во која жртва е 86-годишна жителка на Виница, која била оштетена за сума од 30.000 евра.
Според информациите од пријавата, непознато лице ја контактирало жената по телефон, лажно претставувајќи се како лекар од Словенија. Тој ѝ соопштил дека нејзината ќерка, која престојувала и работела во Словенија, доживеала тешки телесни повреди и дека за итна хируршка интервенција биле потребни пари.
Водена од загриженост, жената ги подигнала парите од банка и, согласно добиените инструкции, ги предала во дворот на нејзиниот дом на лице кое дошло да ги преземе.
Подоцна, откако стапила во контакт со својата ќерка, оштетената сфатила дека станува збор за измама и случајот веднаш го пријавила во полиција. Надлежните служби преземаат мерки за целосно расчистување и пронаоѓање на сторителите.