Пратеникот и лидер на крило во Алијанса за Албанците, Зијадин Села, жестоко реагира на проектот „Безбеден град“, оценувајќи дека зад наводната грижа за безбедноста се крие системска дискриминација на Албанците.
Според Села, не е случајно што камерите за сообраќајни прекршоци масовно се поставуваат токму во Скопје, Куманово и Тетово, а во рамки на Скопје – најмногу во Чаир, Сарај и Бутел, општини со доминантно албанско население.
„Таму каде што нема семафори, нема знаци, нема паркинзи и нема инфраструктура – таму има камери и високи казни“, порачува Села, додавајќи дека проектот не служи за ред, туку за финансиско удирање по џебот на една конкретна заедница.
Тој тврди дека „Безбеден град“ е алатка за полнење на државниот буџет преку казни, токму во делови од земјата каде што државата со години најмалку инвестирала, а сега најмногу наплатува, во период кога Македонија треба да враќа околу две милијарди евра кредити.
Села однапред ги отфрла обвинувањата дека ја етнизира темата, посочувајќи дека проблемот не го создаваат оние што зборуваат, туку оние што селективно спроведуваат политики.
„Албанците нема да молчат“, порачува Села, оценувајќи дека „Безбеден град“ во оваа форма не е проект за безбедност, туку антиалбанска експлоатација.