Силна експлозија на главна цевка од системот за централно греење утрово го парализираше Скопје и остави илјадници домаќинства без парно греење, токму во најстудениот дел од денот. Инцидентот се случил во раните утрински часови, при што е предизвикана сериозна материјална штета, а дел од улиците се поплавени со врела вода и пареа.
Очевидци раскажуваат дека се слушнал силен тресок, по што веднаш се издигнал густ облак од пареа.
„Се разбудивме од страшен звук, како бомба. Помисливме дека е земјотрес или нешто многу полошо. Кога погледнавме низ прозор, сè беше полно со пареа и вода“, вели жител од населбата Аеродром за Портал 24/7.
Без парно греење останаа голем дел од општините Аеродром, Центар, Кисела Вода и Карпош.
Од надлежното јавно претпријатие информираат дека се работи за дефект на дотраена магистрална цевка и дека екипите се веќе на терен.
„Работиме со полна пареа за што побрзо да го санираме дефектот. За жал, поради големината на штетата, можно е дел од граѓаните да останат без парно и во текот на вечерта“, соопштија од компанијата.
Општинските служби апелираат граѓаните да избегнуваат движење во близина на местото на инцидентот поради опасност од врела вода, додека полицијата го обезбедува теренот.
