Синдикатот: Или ќе ги намалиме функционерските плати за 78%, или ќе ги зголемиме платите на сите за 6.000 денари

 Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) во среда организира протест поради, како што велат, игнорирањето на барањата за зголемување на минималната плата на 600 евра и раст на сите останати плати за 100 евра.

Протестот ќе започне во 17 часот пред зградата на ССМ, ќе продолжи пред Собранието и Стопанската комора, а ќе заврши пред Владата. Од ССМ ги повикаа сите работници чии плати не се зголемени да им се придружат.

Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, изјави дека 33 отсто од вкупно 540 илјади вработени живеат под прагот на сиромаштија, кој изнесува 31.200 денари, нагласувајќи дека илјадници луѓе одат на работа, а сепак не можат да ги покријат основните животни трошоци.

Тој најави дека протестот е само почеток и дека доколку нема одговор од институциите, ќе следуваат нови протести, таргетирани блокади, како и 24-часовен генерален штрајк во јавниот и приватниот сектор. Како крајна мерка, ССМ ќе покрене иницијатива за намалување на функционерските плати за 78 проценти и законски измени за зголемување на минималната плата.

Трендафилов истакна дека во 2025 година немало суштинско зголемување на платите, додека синдикалната кошничка од јануари е зголемена за речиси 1.000 денари. Тој предупреди дека поради ниските примања, државата ја напуштаат квалификувани работници, додека работната сила сè почесто се надоместува со странски работници.

Од ССМ потенцираат дека минималната плата во речиси сите земји од регионот веќе надминува 500 евра, додека македонските работници, и покрај растот на трошоците за живот, сè повеќе осиромашуваат.