Стигна статистиката: Најбрзо се вози од Скопје кон Тетово, а најмногу се поминува на црвено на овој булевар

 Системот за автоматско санкционирање „Безбеден град“ и во тест-периодот продолжува да бележи високи бројки на сообраќајни прекршоци. Само во првите 24 часа од 1 декември регистрирани биле околу 110 илјади прекршоци, додека на 2 декември бројката значително се намалила – на 50.652 случаи, покажуваат податоците на Министерството за внатрешни работи. Од нив, најголем дел – 48.861 – се однесуваат на непочитување на дозволената брзина, 1.366 на минување на црвено светло, а 425 на нерегистрирани возила.

Во првите 12 часа од вчерашниот ден, системот забележал нови 22.600 прекршоци. Според МВР, речиси сите, околу 21.400, се регистрирани поради пребрзо возење. Најоптоварени точки за прекршување на брзината во овој период биле излезот од Скопје кон Тетово, каде се евидентирани над 4.300 случаи, и булевар „Никола Карев“ со околу 3.000 прекршоци.

Во однос на прекршувањето на сигнализацијата, најпроблематична раскрсница е онаа меѓу улиците „Цветан Димов“ и „Џон Кенеди“, каде во истиот период се забележани 45 поминувања на црвено светло.

МВР посочува дека камерите ги регистрираат исклучиво возилата што сториле прекршок, но не и вкупниот број возила што сообраќале на локациите. Дополнително, најниската брзина за која е изречена санкција во тест-периодот изнесувала 51 километар на час, а највисоката – драстични 209 километри на час.