Две малолетни девојчиња во Македонија се онесвестиле на базен, итно се пренесени во болница

 Две малолетни девојчиња од Тетово завршиле во болница откако купиле алкохол од продавница во градот и потоа го консумирале на базен, информира СВР Тетово.

Инцидентот се случил вчера околу 10 часот наутро, а полицијата била информирана околу 18 часот од Џ.Н. (54) од Тетово, кој е родител на едно од девојчињата. Во пријавата се наведува дека неговата ќерка набавила две шишиња со алкохолен пијалак од трафика, по што заедно со своите другарки отишле на базен. По консумирањето на пијалакот, двете девојчиња изгубиле свест и биле веднаш пренесени во тетовската Клиничка болница, каде што добиле соодветна медицинска помош.

Случајот е пријавен како „служење алкохол на малолетни лица“ согласно член 204 од Кривичниот законик. Надлежните органи преземаат мерки за целосно расчистување на случајот и документирање на сите околности.