ДРАМА ВО КРИВА ПАЛАНКА: Уапсен е сопственикот на кравите – ќерките се обидуваа да го ослободат од полицијата (ВИДЕО)
Видео од интервенцијата објави ќерката на приведениот. На снимката се гледа тим од инспектори на АХВ на терен, кои дошле да ја спроведат постапката за одземање на стоката поради штетите што кравите со месеци им ги нанесувале на жителите во околните населени места.
При извршувањето на постапката, повикана е и полицијата како асистенција. На видеото се забележува моментот кога полицајците го приведуваат сопственикот, додека неговите ќерки се обидуваат да реагираат и да го спречат задржувањето. По приведувањето, Ѓорѓиевски бил однесен во полициска станица.
Ќерката на приведениот на социјалните мрежи објави дека, според неа, полицијата применила непропорционална сила, тврдејќи дека некои лица кои, како што вели, држеле тврд предмет и го напаѓале нејзиниот татко, не биле приведени. Таа оцени дека постапката претставува злоупотреба и прекршување на основните човекови права.
Од Основното јавно обвинителство Куманово за Телма изјавиле дека е отворен предмет кој ќе се води по брза постапка. Случајот ќе биде разгледан од утре, кога обвинителството ќе го добие официјалниот полициски извештај.
Минатата недела екипа на Телма беше во селото Дубровница, каде жителите протестираа поради, како што тврдат, закани од поранешниот сопственик на кравите и неговите ќерки, по пријавите за штетите што им биле нанесувани на нивните имоти.