ХАОС НА СКОПСКИОТ АЕРОДРОМ - Сите летови се откажани

Поради исклучително густата магла што ја зафати скопската котлина, денеска се откажани сите утрински летови од Меѓународниот аеродром Скопје. Неповолните временски услови целосно го нарушија редовниот авионски сообраќај, оставајќи го аеродромот без ниту еден авион.

Откажани се повеќе летови на авиокомпанијата „Визер“ од Скопје кон Дортмунд, Брисел, Париз, Љубљана, Базел, Меминген и Венеција. Исто така, во целост се откажани и летовите на „Кроација ерлајнс“ за Загреб, како и на „Туркиш ерлајнс“ за Истанбул.

Ниту еден од шесте авиони на „Визер“, кои се базирани во Скопје, не успеал да слета во текот на вчерашниот ден. Поради густата магла, авионите биле пренасочени кон алтернативни аеродроми во Приштина, Софија, Тирана, Солун и Охрид.

Од авиокомпанијата информираат дека екипажите утрово патуваат кон аеродромите каде што авионите принудно слетале, со цел од таму да се реализираат дел од откажаните летови и да се преземат патниците кои чекаат превоз кон Скопје.

Во текот на вчерашниот ден, поради екстремно намалената видливост, само три авиони успеале да слетаат на скопскиот аеродром, а исто толку и да полетаат подоцна попладне, кога временските услови краткотрајно се подобриле. Сите останати летови биле откажани или пренасочени.

Во одредени периоди, видливоста изнесувала помалку од 100 метри, што е далеку под дозволените минимални стандарди за инструментално слетување од категорија 1, со каква опрема располага аеродромот во Скопје.

Според најавите на Управата за хидрометеоролошки работи, маглата ќе продолжи да се појавува и во наредните три дена, што отвора можност за нови доцнења и откажувања на летови.