Маж и жена од Македонија утрово загина во страшна сообраќајка во Србија

 Тешка сообраќајна несреќа со трагичен исход се случи на автопатот Белград–Ниш, во близина на клучката Умчари, при што животот го загубија две лица, а едно лице се здоби со тешки телесни повреди.

Според досегашните информации, патничко возило излетало од коловозот, по што удрило во заштитната метална ограда и рефлектирачки столб покрај автопатот.

Возачот и еден сопатник, маж и жена, починале на самото место од здобиените повреди, додека третото лице, кое исто така се наоѓало во возилото, било итно пренесено во Ургентниот центар со сериозни повреди.

Како што објавува српскиот портал Пинк.рс, станува збор за автомобил марка „Сеат“ со германски регистарски таблички, а патниците биле државјани на Македонија, со албанско потекло. Според неофицијални информации, тие се враќале од Германија на одмор во Македонија.

Точните причини за несреќата ќе бидат утврдени по завршување на истрагата, но се претпоставува дека до инцидентот дошло поради замор на возачот, кој наводно заспал зад воланот.

На местото на несреќата интервенирале екипи на сообраќајната полиција, брзата помош и пожарникари-спасувачи, кои од целосно уништеното возило ги извлекле повредениот сопатник и телата на двете жртви.