Управата за јавни приходи уверува дека исплатата на повратот од мерката „МојДДВ“ за третиот квартал од 2025 година се одвива без прекин и дека средствата ќе им бидат исплатени на сите корисници.
Од институцијата појаснуваат дека кај дел од корисниците се појавил технички проблем кој бара целосна преработка. Проблемот настанал кога во одреден налог постои корисник кој сменил банка или трансакциска сметка, поради што системот ја враќа целата групна исплата и средствата не се префрлаат ниту до другите корисници во истиот налог. УЈП истакнува дека предизвикот е идентификуван и дека техничките служби активно работат на негово отстранување.
Исплатите кон корисниците со валидни и потврдени податоци веќе се реализираат, додека останатите ќе ги добијат средствата веднаш по преработката на спецификациите.
Од УЈП апелираат граѓаните кои менуваат банка или трансакциска сметка навреме да ги ажурираат податоците во системот за да се избегнат вакви ситуации во иднина.
Институцијата порачува дека нема простор за грижа – сите средства што им следуваат на граѓаните ќе бидат исплатени.
