Мицкоски: И за возење со 50,5 km/h ќе има опомени - си има правила во оваа држава

 Премиерот Христијан Мицкоски денеска испрати јасна порака дека целосно застанува зад имплементацијата на системот „Безбеден град“ и дека Владата е подготвена да ги поднесе сите политички последици доколку мерките значат повеќе спасени животи.

Премиерот истакна дека проектот мора да продолжи и да се прошири низ целата држава, бидејќи, како што рече, човечкиот живот е на прво место.

„Стојам цврсто зад ‘Безбеден град’ и зад намерата системот да се применува насекаде. Некои предупредуваат дека ќе има политички последици, но ако со тоа спасиме барем еден живот – вреди“, изјави Мицкоски.

Тој потсети дека во последните две недели во Скопје животите ги загубиле три лица – пешаци, како последица на непочитување на основните сообраќајни правила.

Мицкоски се осврна и на критиките од дел од опозицијата. „Слушам реакции од пратеници од поранешното мнозинство дека возеле 52 или 55 километри на час и добиле опомени. И на 50,5 ќе има опомени, правилата важат за сите и разликата меѓу прилагодена и неприлагодена брзина мора да се почитува“, потенцира премиерот.

Тој додаде дека бројот на жртви и тешки несреќи не дозволува компромиси.

„Се губат животи поради неприлагодена брзина. Погледнете колку трагедии се случија бидејќи возачи не ја намалиле брзината или поминале на црвено. Време е да воведеме ред, дисциплина и поголема култура во сообраќајот“, рече Мицкоски.

Премиерот нагласи дека критиките се добредојдени, но нема да ја променат одлучноста на Владата да го модернизира безбедносниот систем и да ги намали ризиците на улиците.