Премиерот Христијан Мицкоски повторно го бранеше ставот дека Македонија издвојува значително повеќе буџетски средства за правосудниот систем во споредба со најголем дел од земјите во Европската унија. Неговата реакција дојде по изјавата на германската амбасадорка Петра Дрекслер, која предупреди дека дебатата околу финансирањето на правосудството мора да се води врз основа на точни податоци и потсети дека Германија инвестира пет пати повеќе по глава на жител од Македонија.
Од собраниската говорница, премиерот истакна дека неговите тврдења се засновани на Извештај на Советот на Европа, а не на, како што рече, „политички интерпретации“.
„Ова не е мој извештај, ниту бројки што јас сум ги измислил. Станува збор за документ финансиран од Советот на Европа, кој ги опфаќа сите земји што имаат свои претставници во рамките на СЕ. Фактите се тука, кој зборува различно, или манипулира или не ја говори вистината, без оглед на тоа дали е дипломат, политичар или експерт“, изјави Мицкоски.
Тој повтори дека според анализата со податоци од 2022 година, објавена во 2024 година, Македонија издвојува 0,39% од БДП за правосудниот систем, повеќе од 75% од земјите-членки на ЕУ.
„Франција вложува 0,2%, Германија 0,3%, а европскиот просек е околу 0,3%. Нашата држава, според тие исти бројки, издвојува повеќе“, нагласи премиерот.
Амбасадорката Дрекслер, пак, во интервју за „360 степени“ неодамна оцени дека германските податоци покажуваат сосема поинаква слика. Таа порача дека мора внимателно и прецизно да се анализираат сите параметри, додавајќи дека Германија во 2022 година инвестирала пет пати повеќе средства по жител од Македонија.