НАЈНОВО: Од утре МВР започнува со снимање, камерите се активни - „Сејф сити“ во акција

 Од утре стартува „Безбеден град, безбедна држава“ – системот што автоматски ќе бележи сообраќајни прекршоци преку камерите на мрежата „Сејф сити“.

До крајот на годината ќе важи пробен период во кој возачите ќе добиваат само предупредувања, без изрекување парични казни. Од 1 јануари мерките ќе станат целосно оперативни и секој регистриран прекршок ќе биде санкциониран.

Портпаролот на МВР, Гоце Андреевски, најави дека ќе има нулта толеранција за прекршување на правилата – и во населени места и на автопат. Сопствениците на возила ќе добиваат СМС-пораки и е-пошта со записник и платен налог. Во рок од осум дена ќе може да се плати половина од изречената казна, а по истекот на тој период следува наплата на целосниот износ.

Во почетната фаза системот ќе детектира пречекорена брзина, минување на црвено светло, управување без важечка сообраќајна дозвола и непрописно паркирање. Во наредните месеци се планира проширување на листата прекршоци што ќе се регистрираат автоматски.

Камерите веќе се поставуваат во Скопје, Тетово, Куманово, како и на автопатите и експресните патишта долж коридорите 8 и 10. До средината на 2026 година се очекува системот да ја покрива целата територија на државата.

Надлежните уверуваат дека проектот ќе донесе поуреден и побезбеден сообраќај, а првичните ефекти ќе бидат видливи во следните недели.