Утрово од 8:30 часот магистралниот пат Куманово–Крива Паланка е целосно затворен за сообраќај поради сообраќајна несреќа, информира Автомото сојузот на Македонија (АМСМ).
Од АМСМ потсетуваат дека вчера, на 28 ноември околу 17:45 часот, повторно надојдената Калковска Река го поплави регионалниот пат Р1105 на делницата Јосифово–Пирава. Како резултат на тоа, сообраќајот е пренасочен за сите возила кон магистралата А1, во правец од селото Удово кон селото Марвинци.
Во останатиот дел од државата сообраќајот се одвива непречено, но по влажни коловози.
АМСМ потсетува дека од 15 ноември стапи во сила законската обврска за задолжително поседување зимска опрема во возилата, независно од актуелните временски услови. Оваа мерка ќе важи до 15 март 2026 година.
Интензитетот на сообраќајот на државните патишта надвор од урбаните средини е умерен, а на граничните премини нема подолги задржувања за влез или излез од државата.
Возачите се повикуваат на зголемена претпазливост, прилагодување на брзината и почитување на сообраќајната сигнализација. Посебна внимателност се препорачува на делниците низ котлини, долини и клисури, каде што постои ризик од појава на одрони, особено на патните правци Катланово–Велес, Маврово–Дебар–Струга, Виница–Берово и Кочани–Делчево.