Останува мистерија состојбата на Панчо: Негови колеги открија на кои делови од телото имал изгореници

 Поминаа повеќе од пет месеци од катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, кој на 16 март однесе 62 човечки животи и остави над 200 млади со тешки и полесни повреди. Трагедијата, која се смета за една од најголемите во поновата македонска историја, сè уште ја потресува јавноста, особено поради тоа што околу здравствената состојба на фронтменот на дуото ДНК, Владимир Блажев – Панчо, нема официјални информации.

Според првичните соопштенија од Клиничката болница „Аџибадем Систина“, веднаш по несреќата Панчо бил во стабилна состојба, сместен во единицата за интензивна нега и надвор од животна опасност. Подоцна беше објавено дека е ставен во медицински индуцирана кома и подолг период се лекувал во Систина, а неофицијални информации тврдеа дека бил префрлен во клиниката „Филип Втори“. Негови блиски колеги сведочат дека тој претрпел сериозни изгореници на главата и рацете и дека со него комуницирале единствено преку телефонот на неговата сопруга.

И покрај јавниот интерес, соработниците од естрадата повеќе пати истакнаа дека ситуацијата е чувствителна и избегнуваа да споделат детали. Обвинителството, пак, кога во јуни по тримесечна истрага поднесе обвинение за „тешки дела против општата сигурност“ против 34 физички и три правни лица, соопшти дека за Панчо постапката е прекината додека трае неговото лекување.

Меѓу обвинетите се управителот на агенцијата за обезбедување и неколку членови на обезбедувањето, кои дозволиле присуство на малолетни лица и не спречиле внесување на непријавени пиротехнички средства. Настапот на групата „ДНК“ бил договорен усно, без формален договор, а сценските ефекти вклучувале пиротехника набавена без дозвола. За таа набавка обвинет е и синот на сопственикот на дискотеката.

Во пожарот, освен бројните млади жртви, животот го загубија и седуммина од тимот на ДНК, како и Андреј Ѓорѓиески – вториот член на музичкото дуо.


Descriptive Alt Text