Вардар ја победи Лозана во квалификациите од Конференциската лига

 Фудбалерите на Вардар запишаа значајна победа над швајцарскиот тим Лозана во рамките на Конференциската лига.

Во првиот дуел од второто квалификациско коло, кој се одигра вечерва на домашен терен во Скопје, Вардар триумфираше со резултат 2-1.

Домашниот состав беше далеку поактивен во текот на првото полувреме. Вардарци креираа неколку сериозни шанси, но погодокот сепак дојде дури во самиот финиш на полувремето.

Во втората минута од судиското продолжение (45+2), по ударот на Тодоровски и интервенцијата на голманот на Лозана, топката се одби до Мато, кој сигурно ја спроведе во противничката мрежа и му донесе водство на својот тим.

Во вториот дел, тимот од Швајцарија уште од самиот старт тргнаа многу по офанзивни кон голот на Вардар. Во неколку наврати гостинските фудбалери го загрозуваа голот на Талевски.

Сепак нивната упорност се исплатеше, па со прекрасниот еврогол на Диаките во 59.минута, тимот на Лозана успеа да израмни на 1-1.

Во 66-минута по една брза контра од десната страна Мато пропушти голема можност повторно да се запише во листата на стрелците. Неговиот обид овојпат го одбрани гостинскиот голман, па резултатот остана 1-1.

Речиси идентична беше ситуацијата и единаесет минути подоцна, но и тогаш швајцарскиот голман излезе како победник.

Сепак по изведениот корнер на вистинското место се најде Азер Омерагиќ кој ја затресе мрежата на противникот и нова радост и водство на вардарци од 2-1.

Иако гостинскиот тим до крајот на мечот со сите сили се обидуваше повторно да ја анулира негативата, сепак вардарци знаеја како да ја сочуваат предноста. Најголемата и тоа двојна шанса гостите ја пропуштија во осмата минута од судиското дополнение.

На задоволство на „Комитите“ и сите симпатизери на црвено-црните, Вардар славеше со конечни 2-1.

Реванш натпреварот во Швајцарија ќе се игра, за седум дена (31 јули) од 20.15 часот.