Вчера околу 23 часот на регионалниот пат меѓу Штип и Велес се случила тешка сообраќајна несреќа во која биле вклучени три патнички возила – „Тојота“, „Лада“ и „БМВ“, сите со велешки регистрации. Дополнително, во незгодата учествувало и возило од типот „Пинцгауер“, сопственост на Дирекцијата за заштита и спасување, кое во моментот било влечено од едно од возилата.

Во незгодата со тешки повреди се здобиле возачот на „Тојота“ и неговата 64-годишна сопатничка К.И., додека возачот на „БМВ“ минал со полесни телесни повреди. Сите биле пренесени во Општата болница во Велес, каде што биле пружени првични лекарски интервенции.
– Двајцата пациенти со посериозни повреди беа примени околу полноќ. Мажот имаше повреди на градниот кош, а жената повреди во пределот на стомакот. По првичната дијагностика и стабилизација, беа префрлени на клинички третман во Скопје – соопшти д-р Ванчо Граматов, портпарол на велешката болница.
Полициската екипа извршила увид на местото на настанот, а истражните активности за утврдување на причините продолжуваат.
