65.328 денари за преживување: Синдикалната кошничка порасна за 600 денари

 Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) ја објави вредноста на синдикалната минимална кошничка за јули 2025 година, која изнесува 65.328 денари. Во споредба со јуни годинава, кога таа изнесуваше 64.698 денари, забележано е зголемување од 630 денари.

Ако во пресметката се додаде и просечна кирија за стан од 60 квадратни метри, вкупната сума што ѝ е потребна на едно четиричлено семејство за основни животни трошоци се искачува на 80.703 денари.

Најголем товар остануваат храната и пијалоците. Само за 63-те производи кои ги следи Синдикатот во оваа категорија, во јули биле потребни 23.682 денари, што е за 515 денари повеќе од јуни, кога истите производи чинеле 23.167 денари.

ССМ предупредува дека по завршувањето на владините антикризни мерки, синдикалната минимална кошничка за последниве три месеци е зголемена за 2.637 денари, што претставува раст од 4,2%. Посебно алармантен е растот кај храната и пијалоците – тие поскапеле за 2.202 денари или 10,25% во истиот период.

Овие бројки, според ССМ, јасно укажуваат на континуираниот притисок врз животниот стандард на граѓаните.