Иако беа потребни 400 лица, речиси 500 кандидати од цела Македонија се пријавиле на јавниот повик за ангажман во активностите за превенција и справување со пожари. Повикот, кој официјално завршува денес, предизвикал голем интерес кај граѓаните – со исклучок на Скопје, каде пријавени има помалку од очекуваното.
„Во моментов имаме нешто под 500 пријавени низ целата држава. Планиравме ангажирање на 400 лица. Но, во Скопје бројката е под 50, а таму очекувавме барем 80 кандидати“, изјави Стојанче Ангелов, директор на Дирекцијата за заштита и спасување, на денешната прес-конференција.
Сите пријавени ќе бидат повикани во локалните противпожарни единици, каде ќе следат обука во траење од најмалку два дена. За време на обуката ќе се врши селекција на најподготвените кандидати, кои понатаму ќе добијат можност за вработување било во територијалните единици или во самата Дирекција.
Најуспешните од нив ќе станат дел од новата специјална единица, составена од физички подготвени и млади лица кои ќе се ангажираат на тежок терен. За припадниците на оваа единица се предвидени повисоки примања од оние на редовните пожарникари, со цел да се поттикне нивната мотивираност и долгорочна посветеност.
„Оваа специјална единица ќе биде составена од луѓе со високо ниво на физичка подготвеност, способни да реагираат во најтешки ситуации и најнепристапни услови“, нагласи Ангелов.
Се очекува процесот на повикување и селектирање на кандидатите да заврши во следните денови.