Повреден е полицаец - 4 лица се приведени

 Четири лица од Ресен се приведени откако физички нападнале полицајци кои биле на службена должност, информираа од Секторот за односи со јавност при СВР Битола.

Инцидентот се случил откако полицијата сопрела патничко возило „Фиат“ без таблички, кое го управувал 26-годишниот Б.Р. Набргу на местото на настанот пристигнало друго возило со уште три лица: У.Р. (53), Б.Ј. (23) и Е.Ј. (23), сите од Ресен.

Во обид да избега, возачот Б.Р. го стартувал возилото, при што прегазил еден од полицајците по ногата, а друг удрил по раката. Насилството продолжило кога сите четворица почнале да ги тепаат полицајците со тврди предмети. Откако пристигнало засилување тие биле приведени и задржани во полициска станица. Против нив ќе биде поднесена соодветна пријава откако случајот целосно ќе се документира.