Десет пожарникари ги загубија животите, 14 се повредени додека се бореа со голем пожар во Турција

 Во вчерашните попладневни часови, трагедија ја потресе Турција откако 10 пожарникари го загубија животот, а уште 14 беа повредени додека се обидуваа да стават под контрола шумски пожар во провинцијата Ескишехир, во централниот дел на земјата. Веста ја потврди турскиот министер за земјоделство и шумарство, Ибрахим Јумакли.

Големи напори за гасење се воделе во реонот Сејтигази уште од рано утро, а состојбата дополнително се влошила поради топлото време и силниот ветер. Министерот информираше дека во моментов активни се седум пожари во пет различни провинции во централна и западна Турција.

Истовремено, и Кипар се соочи со сериозна ситуација, огромен шумски пожар северно од Лимасол предизвика евакуација на најмалку четири села. Пожарот, поттикнат од високите температури и засилените ветрови, направил голема материјална штета, особено во делови каде што се наоѓаат лозја и куќи.

Пожарникарските служби на Кипар побараа интервенција од Европската унија, а Јордан најави дека ќе испрати помош.