Филипче: Бугарија треба да каже дека нема да има барања на непринципиелна основа

 На маалска средба со граѓаните во Прилеп, претседателот на СДСМ, Венко Филипче, упати порака до официјална Бугарија, потенцирајќи дека таа треба јасно да се изјасни дека нема да има барања кои се поставени на непринципиелна основа.

  „Бугарите треба да направат навистина еден чекор, ако еден нивни сосед којшто имаа аспирации да стане земја членка во Европска Унија да се однесуваат по европски. Ако ние стравуваме дека утре може да има некаква блокада на непринципиелна основа, на основа на јазикот, идентитетот итн нека покажат европско однесување и нека кажат дека нема да го има. Толку. Нека кажат не, ние сакаме нашите соседи да се во Европа, еве ќе ви дадеме поддршка, не се грижете нема да има такви барања. Е тоа е вистинска добрососедска политика не само да притискаш некого што е помал и послаб од тебе“, изјави Филипче.

Тој исто така истакна дека СДСМ активно лобира преку сестринските партии во ПЕС за поддршка на европскиот извештај, нагласувајќи ги заслугите на претходните влади на СДСМ во зацврстувањето на македонскиот идентитет и јазик.

  „Ние нашиот идентитет и јазикот го потврдивме. Се потпиша договор за првпат со Европска унија – Фронтекс договорот, на македонски јазик, нема ѕвездички, нема фусноти – е тоа е патриотизам,“ рече Филипче.