ЕХФ донесе одлука: АЛКАЛОИД Е ШАМПИОН!

 Европската ракометна федерација (ЕХФ) донесе конечна одлука по инцидентот што го предизвика грчкиот тим АЕК Атина на реванш натпреварот против Алкалоид во Скопје, во рамки на финалето од Европскиот Куп.

Играчите на АЕК одбија да излезат на терен, со што натпреварот не се одигра. Како причина за нивната постапка беа наведени наводни закани што ги добило раководството од страна на навивачите. Сепак, тоа не беше прифатено како оправдување од страна на ЕХФ, ниту пак е одговорност на македонскиот тим.

По разгледување на аргументите и поднесените материјали од двете страни, ЕХФ донесе јасна и очекувана одлука – натпреварот во Скопје се регистрира со службен триумф за Алкалоид. Со оваа одлука, македонскиот тим официјално стана победник на Европскиот Куп.

„ЕХФ Судот за ракомет увиде дека АЕК задолжително мораше да учествува на закажаниот натпревар. Со одбивање ги прекрши правилата и регулативите на ЕХФ и е виновен. 

Одлуката на Судот е следната: 

Резултатот од реванш дуелот од финалето на Европскиот куп на ЕХФ 2024/25 меѓу РК Алкалоид и АЕК Атина е 10-0 и 2-0 во поени. Првиот меч заврши со 29-25 за РК Алкалоид. 

Така, РК Алкалоид е победник на Европскиот куп на ЕХФ за сезоната 2024/25“, стои во соопштението на ЕХФ.

Тимот на Кирил Лазаров така станува трет македонски тим со европски трофеј, по Вардар 1961 и Кометал Ѓорче Петров кои ја освоија Лигата на шампионите.