Пратениците со итна постапка ќе гласаат за забрана за протести пред Собрание

 Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска најави дека со посебен закон просторот околу законодавниот дом ќе биде прогласен за безбедносна зона. Овој потег, како што појасни, е надвор од тековните безбедносни реформи и новото независно обезбедување во рамки на Собранието.

Новото законско решение предвидува сериозни ограничувања во одреден радиус околу Собранието. Меѓу нив се: целосна забрана за одржување јавни собири, протести и манифестации, како и летање со дронови и други беспилотни летала. Исто така, ќе се забрани каква било градба или поставување инфраструктура во дефинираната безбедносна зона.

Согласно член 8 од предлог-законот, се предвидува:

  • Забрана за градежни работи;

  • Забрана за поставување инсталации и линии на инфраструктура;

  • Забрана за јавни собири, протести и манифестации;

  • Забрана за летање со дронови над Собранието и безбедносната зона.

Законот исто така предвидува поништување на сите веќе издадени дозволи за градба во оваа зона, како и раскинување на постојните договори за користење на државно земјиште во дефинираниот безбедносен појас.

Покрај претседателот Гаши, предлогот е поддржан и од пратениците Беким Коку, Блерим Беџети, Борислав Крмов, Весна Бендевска, Никола Мицевски и Оливер Спасовски. Законот ќе биде разгледуван од собраниската Комисија за одбрана и безбедност.

Иницијативата доаѓа во време на политички турбуленции и засилена активност на протести, што веќе предизвика реакции од јавноста и граѓанскиот сектор поради стравувања од ограничување на уставно загарантираните граѓански права.