Фискалната консолидација останува клучен приоритет на Владата и нема да се отстапи од рамките поставени со фискалната стратегија, изјави министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во интервју за „360 Степени“. Таа истакна дека јавниот долг започнува да се намалува, а фокусот ќе биде на стабилизација и фискална одржливост.
„Кулминацијата ја достигнавме, сега следи фаза на намалување на јавниот долг. Податоците покажуваат позитивен тренд – јавниот долг во првиот квартал од 2025 година е најнизок во последните пет години и за првпат по 2018 година бележи пад во однос на крајот на претходната година“, посочи министерката.
Според официјалните податоци, јавниот долг во првото тримесечје е намален за 36 милиони евра, што е пресврт во однос на досегашната практика, кога долгот во првиот квартал обично бележеше пораст.
„Во минатото, уште на почетокот од годината се земаа кредити за да се обезбеди ликвидност, но тоа ги оптоваруваше граѓаните со високи камати. Јас не го правам тоа – не го зголемувам долгот без основа. Можев да позајмам 300-400 милиони евра и да ја ставам државата во позиција секој месец да плаќаме високи камати. Но кој би одговарал за тоа?“, нагласи Димитриеска-Кочоска.
Таа подвлече дека секое задолжување мора да има економска логика и да носи додадена вредност.
„Не се противам на задолжување, но само кога е насочено кон проекти што ќе го зголемат економскиот раст и ќе придонесат за развој. Сè друго е неодговорно управување со јавните финансии“, порача министерката.