Ова се новите казни за пешаци, велосипедисти и возачи на тротинети во Македонија

 Платформата „ENER“ предложи нови законски измени за зголемување на сообраќајната безбедност, кои предвидуваат повисоки казни и нови правила за пешаци, велосипедисти, мотоциклисти и возачи на скутери. Законот предвидува и регулација на употребата на безбедносни камери, кои ќе бидат поставени на булевари и раскрсници за автоматско евидентирање на сообраќајни прекршоци.

Според новите предлози, пешаците нема да смеат да користат мобилни телефони, паметни часовници или слушалки додека преминуваат улица. Истите забрани ќе важат и за возачи на велосипеди, мотоцикли и скутери. За овие прекршоци, предвидени се казни од 40 евра за пешаците и 50 евра за останатите учесници во сообраќајот. Поминувањето на црвено светло ќе се санкционира со парична казна и дополнителна забрана за управување возило во траење од три до дванаесет месеци.

Безбедносните камери, кои ќе стапат во функција од 1 јануари 2026 година, ќе вршат постојан видео надзор на јавните површини. Снимањето ќе се одвива и со специјализирани возила на МВР, а собраниот видео-материјал ќе се чува шест месеци, освен ако не е потребен за судска постапка. Казните за прекршоците ќе бидат испраќани преку СМС-пораки, со можност за електронско плаќање преку испратен линк.

Граѓаните ќе имаат право да реагираат во рок од 8 дена доколку не се согласуваат со прекршочната пријава, при што ќе можат да побараат поведување прекршочна постапка пред надлежен суд. Доколку возачот не го управувал возилото во моментот на прекршокот, тој ќе мора да достави податоци за вистинскиот сторител. Одбивање на соработка или лажно признавање вина ќе се санкционира со казна од 500 евра.