Голем број противпожарни и полициски возила попладнево се распоредени во скопската населба Пинтија, во близина на поранешната фабрика ОХИС и салонот за мебел „Андро Промет“, по пријава за истекување на непозната црна течност од атмосферската канализација.
Како што потврдија од МВР, инцидентот е пријавен денеска околу 14:00 часот во СВР Скопје. Според информациите, црната течност се излева по булеварот „Борис Трајковски“, предизвикувајќи вознемиреност кај граѓаните поради силен и непријатен мирис што се чувствува во околината.

На терен се присутни повеќе екипи од Противпожарната бригада и полицијата, кои работат на обезбедување на просторот и утврдување на потеклото на истечената материја. Засега нема официјална потврда дека течноста потекнува од фабриката ОХИС, иако инцидентот се случува во нејзина непосредна близина.
Сообраќајот во делот на булеварот е пренасочен, а надлежните институции преземаат мерки за расчистување на теренот и откривање на причините за истекувањето. Очекуваат повеќе информации по завршување на анализите и увидот.
