Поранешниот началник на сообраќајната полиција во рускиот Ставрополски регион, Алексеј Сафонов, доби затворска казна од 20 години, поради организиран криминал и корупција. Одлуката ја донесе градскиот суд во Черкасија, кој покрај затворот, му изрече и парична казна во висина од 100 милиони рубљи (приближно 1,24 милиони долари), одземање на полицискиот чин и забрана за вршење јавна функција во следните 12 години.
Случајот предизвика големо внимание во руската јавност, особено поради раскошниот стил на живот на обвинетиот. Во неговата вила, истражителите пронашле златен тоалет, антиквитетен мебел и внатрешен декор во барокен стил. Сафонов поседувал и уште 20 недвижности, како и шест луксузни автомобили.
Обвинението го товари дека во периодот од 2012 до 2021 година, заедно со други лица, ја водел организирана криминална група преку која прибавил нелегална корист од над 21 милион рубљи. Групата била вклучена во издавање дозволи и лиценци за транспортни компании во замена за мито.
И покрај цврстите докази, Сафонов пред судот се изјасни за невин и најави жалба на пресудата.
Фотографии од неговата вила со златни елементи и екстравагантни ентериери беа објавени на социјалните мрежи, предизвикувајќи остри реакции од јавноста и уште еднаш отворајќи прашања за длабочината на корупцијата во јавните институции во Русија.