Двегодишно дете е каснато од куче скитник во Битола


 Во недела, на ден Велигден, на плоштадот „Магнолија“ во Битола се случил сериозен инцидент кога куче скитник нападнало и каснало мало дете на возраст од една година и седум месеци. Несреќата се случила попладне, околу 12:30 часот, додека детето, заедно со своето тригодишно братче и родителите, си играло на скалите од споменикот на Филип Втори.

Мајката на детето, Моника — американска државјанка, вели дека нападот се случил ненадејно, пред нејзини очи. Кучето го соборило детето на земја и му нанело тешки повреди на устата, образот и брадата. Детето веднаш било пренесено во Клиничката болница во Битола, каде му биле санирани повредите. Според изјавите на семејството, детето е под силен стрес, а слична е состојбата и кај родителите.

Моника посочува дека присуството на бездомни кучиња на плоштадот е закана за безбедноста на граѓаните и вели дека не очекувала ваков ризик на едно од ретките места за семејна прошетка во Битола. Таа изјави дека ќе преземе правни чекори против надлежните институции и ќе побара поддршка и од Американската амбасада во Скопје.

Од ЈКП „Комуналец“ Битола информираат дека пред Велигден биле заловени сите кучиња на таа локација и биле пренесени во стационарот „Хачико“. Сепак, за време на празниците повторно се појавиле други кучиња кои претходно не биле забележани на плоштадот. Од стационарот „Хачико“ изјавија дека кучето кое го нападнало детето веќе е заловено и ќе биде подложено на здравствен третман, по што ќе му се бара вдомување.

Инцидентот не е изолиран – пред само една недела осумгодишно дете било каснато од куче скитник на истата локација. Од Општина Битола апелираат дека е неопходно систематско и долгорочно решение за проблемот со бездомните кучиња, со цел вакви инциденти да не се повторуваат.