Ќе се гради нов саемски комплекс во Скопје

 Скопје може наскоро да добие нов, современ саемски комплекс. Ова беше тема на денешната средба помеѓу директорот на Службата за општи и заеднички работи, Ивица Томовски, и претставници на „Скопски саем“. Главен фокус беше потребата од враќање на саемската инфраструктура и можностите за нејзино модерно пренаменување.

Томовски ја истакна стратешката важност на проектот, потенцирајќи дека ваков објект би придонел за економска ревитализација и би ја засилилa улогата на Македонија како бизнис дестинација на Балканот.

„Изградбата на нов саем значи нови шанси за развој, промоција и вмрежување – не само на национално, туку и на меѓународно ниво“, изјави тој.

Од „Скопски саем“ пак, нагласуваат дека со години недостасува сопствен простор за организирање на саемски настани, а потенцијалот за економски бенефит останува неискористен.

„Со нова локација, модерна инфраструктура и поддршка од институциите, веруваме дека ќе отвориме врати за инвестиции и нова енергија на пазарот“, изјави директорката Даниела Глигоровска.

Покрај иницијативата, на средбата беше договорено да се формира координирано тело кое ќе ги разгледа сите технички, локациски и финансиски аспекти на проектот. Процесот продолжува во следните месеци со конкретизирање на планот.