Кинеските онлајн продавници „Тему“ и „Шејн“ соопштија дека од 25 април ќе дојде до зголемување на цените на нивните производи, како резултат на новите царини воведени од страна на САД.
Двете компании ги охрабруваат потрошувачите да купуваат по сегашните цени пред да стапат на сила измените, пренесе „Ројтерс“.
„Со оглед на последните измени во глобалните трговски правила и тарифите, нашите трошоци за работа се зголемија. За да можеме и понатаму да обезбедуваме производи со квалитет кој го очекувате, ќе мораме да ги прилагодиме цените почнувајќи од 25 април“, се наведува во заедничкото соопштение на „Тему“ и „Шејн“.
Овие платформи продаваат широка палета производи, од играчки до електроника, вклучувајќи и паметни телефони.
Нивниот модел на делување се соочува со предизвик поради новата наредба потпишана од американскиот претседател Доналд Трамп, со која се затвора таканаречената „трговска дупка“. Таа дозволуваше пакетите поевтини од 800 долари да влегуваат во САД од Кина и Хонг Конг без плаќање царина.
Новите правила ќе започнат да се применуваат од 2 мај.