Ситуацијата во селото Батинци, во општина Студеничани, останува неизвесна откако Маркова Река и околните водотеци го достигнаа речното корито, а водата почна да се излева кон околните куќи.

Видео-снимките покажуваат како реката го преплавува коритото и на неколку места излегува на улиците. На критичните точки се поставуваат насипи, а општинските власти ангажираа механизација за да ја спречат понатамошната штета. Центарот за управување со кризи (ЦУК) и Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) се известени за состојбата, но според локалните власти, врнежите ќе продолжат во текот на ноќта, што дополнително го отежнува справувањето со ситуацијата.
Во моментов, проценките се вршат во реално време, додека жителите се борат да спасат што е можно повеќе од своите домови, подруми и дворови. Неколку куќи, кои се во непосредна близина на речното корито, веќе се поплавени.

Дополнителен предизвик за надлежните претставува мостот на влезот во Драчево, чиј проток на вода е значително намален поради натрупаниот шут и градежен материјал, што го блокира нормалното истекување на водата.