Голема полициска акција утрово во Македонија – уапсени се над 50 лица

 Министерството за внатрешни работи, преку Бирото за јавна безбедност, спроведува обемна полициска акција на територијата на повеќе градови низ државата, насочена кон откривање и сузбивање на организиран криминал и корупција во здравствениот систем.

Според неофицијални информации, станува збор за мрежа од повеќе од 50 лица, меѓу кои има лекари, член на комисија при ПИОМ, адвокат, вештак и управител на консултантско биро. Тие наводно со години наназад незаконски издавале лажни медицински дијагнози, овозможувајќи на граѓани да аплицираат и да добијат финансиска поддршка за туѓа нега, како и да стекнат и користат инвалидски пензии на незаконски начин.

Во рамките на акцијата се извршуваат претреси на повеќе локации, вклучувајќи здравствени ординации, адвокатска канцеларија и канцеларии каде работат докторите, меѓу кои Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје, Клиничката болница во Тетово и ЈЗУ Општа болница во Велес.