По страшната несреќа во Кочани, каде што згаснаа повеќе од 60 млади животи поради негрижа и партиски клиентелизам, невладината организација Млади за Македонија бара воведување на смртна казна за одговорните. Според нив, ова е единствениот начин да се спречат идни вакви трагедии и да се врати одговорноста во институциите.
„Само доколку политичарите и одговорните функционери знаат дека ќе се соочат со најстрогата казна – смртна казна, тие ќе работат совесно и нема да дозволат катастрофи од вакви размери!“, истакнуваат од Млади за Македонија.
Тие предлагаат модел сличен на оној во САД, Кина, Русија, Јапонија и Израел, каде што смртната казна е присутна во правниот систем. Според нив, македонското законодавство треба да се усогласи со овие држави и да се направат уставни измени, со кои ќе се дозволи изрекување на оваа казна исклучиво за политичари и високи функционери кои ги прекршиле законите и ја загрозиле безбедноста на граѓаните.
Според предлогот, за ова би биле потребни уставни измени, односно дополнување на Член 10 од Уставот, како и промени во Кривичниот законик. Се предлага, при преземањето на функцијата, сите избрани и именувани функционери да потпишат изјава дека доброволно се откажуваат од своето загарантирано право на живот доколку се докаже дека ги прекршиле законите и ја загрозиле безбедноста на државата и народот.
„Правото на живот е неприкосновено, но кога тоа е злоупотребено за уништување на животите на други, тогаш мора да има праведна одмазда! Во име на слободата и правдата, бараме најстроги санкции за оние кои ја злоупотребуваат својата моќ и носат смрт за недолжни граѓани!“, порачаа од Млади за Македонија.