СТРАШЕН ПОЖАР ВО СТРУМИЦА: Мобилизирани сите пожарникари, се борат огнот да не стигне до куќите и зградите
Голем пожар избувна вечерва во околината на Струмица, зафаќајќи површини во близина на градските гробишта, населбата Сафилар и во правец кон селото Баница. Огнената стихија брзо се шири поттикната од силниот ветер, а засега не е познат точниот причинител на пожарот.
Сите расположливи противпожарни екипи од Струмица се на терен, напорно работејќи на локализирање на пожарот и спречување на негово проширување кон куќите и другите објекти. На помош пристигнуваат и пожарникари од други градови, а во справувањето со ситуацијата е мобилизирана и струмичката полиција.
Според снимките од теренот, огнот зафаќа делови од шума, земјоделски површини, нискостеблести растенија и трева. Надлежните органи продолжуваат со напорите да го стават пожарот под контрола и да спречат натамошна штета.