Сопругата на Бектеши: Крешник не бил причина за пожарот, прво потребно е одобрение од општина Кочани

  Крешник Бектеши, поранешниот министер за економија, доби 30-дневен притвор поради сомневање дека помогнал дискотеката „Пулс“ да работи без соодветни дозволи, што на крајот доведе до трагедија со 59 жртви. Според обвинението, тој или активно учествувал во издавањето на лиценцата или, пак, не презел мерки за да се извршат потребните контроли.

Неговата сопруга, Илка Каба Бектеши, остро реагираше на ваквите случувања, тврдејќи дека Крешник не бил уапсен, туку доброволно се јавил во полициската станица по добиена покана. Според неа, тој првично бил пуштен, но кога се подготвувал да си замине, му била одредена 24-часовна мерка. Таа го обвини правосудниот систем за неправедно постапување и за обид да се сврти вниманието од „вистинските виновници“.

Во својата изјава, сопругата на Бектеши нагласи дека дозволата за работа на дискотеката не зависела само од Министерството за економија, туку и од низа други институции – Општина Кочани, Министерството за транспорт, Министерството за внатрешни работи и Пазарниот инспекторат. Таа смета дека Крешник е жртва на политичка пресметка и дека продолжениот притвор има за цел да му се префрли вината.

„Држи ја главата високо, Крешник,“ напиша таа, истакнувајќи дека ова ќе биде уште еден предизвик за нив како семејство.