Министерот за здравство, Арбен Таравари, на прес-конференција сподели ажурирани информации за состојбата на повредените во несреќата во Кочани.
Според него, во моментов во Скопје се лекуваат 10 пациенти, додека 10 други биле пуштени на домашно лекување претходниот ден. Од вкупниот број хоспитализирани, 27 пациенти се во Клиничкиот центар, 11 во болницата „8 Септември“, 10 во Градската болница, и 6 во приватните клиники. Пациентите кои се наоѓаат во домашни услови се во стабилна состојба, а во наредните денови се очекуваат нови исписи, за што јавноста ќе биде благовремено информирана.
Во странски клиники во моментов се лекуваат 115 пациенти.
„Почетните проценки покажуваа дека околу 20 пациенти беа во исклучително критична состојба. Сега, таа бројка се намали на 6 пациенти, што е охрабрувачка вест. Се надеваме дека нема да има дополнителни компликации“, изјави Таравари.
Од најтешко повредените, двајца пациенти се наоѓаат во Љубљана, а четворица се на лекување на Институтот за воена медицина (ВМА) во Белград.