Драма на скопска обиколница: Пцуел, извадил нож па се претставил како полицаец со значка

 Основното јавно обвинителство во Скопје поведе постапка против 20-годишен маж, осомничен за кривично дело „Насилство“ според член 386 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Инцидентот се случил на 21 март, попладне, на скопската обиколница во близина на клучката кај Стајковци. Осомничениот, кој управувал возило „Фолксваген Голф“, поради сообраќајно недоразбирање се нашол во иста линија со „Сеат Леон“, управуван од оштетениот.

Тој почнал намерно да навлегува во лентата на оштетениот и му покажал полициска значка преку прозорецот, иако не бил овластен службеник. Значката припаѓала на неговиот татко, кој е полициски службеник во СВР Скопје.

Мислејќи дека станува збор за легитимна наредба за запирање, оштетениот го запрел своето возило и се упатил кон осомничениот. Во тој момент, осомничениот излегол од возилото, почнал вербално да го навредува, а потоа извадил нож на расклопување. Со отворено сечиво, тој неколкупати замавнал кон оштетениот, нанесувајќи му телесни повреди, а потоа побегнал од местото на настанот.

Јавниот обвинител поднесе предлог до Основниот кривичен суд во Скопје за определување мерка притвор, со образложение дека постои ризик осомничениот да се даде во бегство за да ја избегне кривичната одговорност.