Судот ги пушти екс градоначалниците на Кочани во куќен притвор

 Основниот суд во Кочани донесе одлука да ја измени мерката „ефективен притвор“ во куќен притвор за двајцата поранешни градоначалници на Кочани, Ратко Димитриевски и Николчо Илијев, како и за поранешната директорка на Државниот пазарен инспекторат.

Оваа одлука уследи по разгледувањето на жалбите на вкупно 17 осомничени во случајот со трагедијата во дискотеката „Пулс“. Сепак, судот ги одби жалбите на останатите 14 лица, потврдувајќи ја мерката притвор.

Обвинителството најави дека ќе поднесе жалба до Апелацискиот суд во Штип со барање за враќање во ефективен притвор на двајцата поранешни градоначалници.

Во меѓувреме, актуелниот градоначалник на Кочани, Љупчо Папазов, кој поднесе оставка по трагедијата, останува во притвор.

Пожарот во дискотеката „Пулс“ се случи на 16 март, при што загинаа 59 лица, а околу 200 беа повредени и се лекуваат во болници во земјата и во странство.