Таткото на Ведат: За две минути ми го убија синот – во кумановската болница влезе обвинителството и полицијата

 Амет Адеми, таткото на 32-годишниот Ведат Адеми од Куманово, ја раскажува трагедијата што ја доживеале во кумановската болница. Тој тврди дека неговиот син починал како резултат на лекарска грешка, откако му била дадена несоодветна терапија на која бил алергичен.

„Синот ми се пожали на болки, самиот отиде на преглед. Кога го однесов да се освежи со вода, тој веќе беше заминат...“, раскажува таткото во изјава за ТВ21.

Според неговите тврдења, по примената терапија момчето развило тешка алергиска реакција, што довело до фатален исход. Таткото, видно потресен, вели дека болницата се обидела да го прикрие случајот со итно повикување на погребна служба, но семејството инсистирало на истрага и случајот бил пријавен во полиција.

Според директорот на болницата, Стефан Трајановски, никој нема да избегне одговорност, но конечниот заклучок ќе зависи од извештајот на обдукцијата, кој се очекува од Институтот за судска медицина.

Во здравствената евиденција на Ведат Адеми било наведено дека е алергичен на аналгетици, но и покрај тоа, му била дадена интравенска терапија што содржела аналгин – лек за кој постои сомнеж дека предизвикал анафилактички шок.

Од СВР Куманово потврдија дека на 17 март 2025 година, во 11:35 часот, од Општата болница Куманово било пријавено дека 32-годишниот пациент бил примен со влошена здравствена состојба, по што му била дадена терапија, но за кратко време починал. По наредба на јавен обвинител, телото било предадено на обдукција, а полициските службеници извршиле увид и разговарале со сите медицински лица присутни во моментот на трагедијата.

Истражните органи продолжуваат со испитување на случајот, а семејството бара правда за својот изгубен син.