За првпат се огласи преживеаната Ана Костадиновска: Само таа, Панчо и Горан од бендот ДНК го преживеаја ужасот во Кочани

 Владимир Блажев – Панчо, придружниот вокал Ана Костадиновска и гитаристот Горан Тонев се единствените тројца членови на групата ДНК кои успеаја да се спасат од трагедијата што се случи во Кочани.

Познато е дека Панчо е под болничка нега и неговата состојба моментално е стабилна. Горан, исто така, е меѓу повредените, додека последните информации за Ана наведуваат дека е на домашно лекување.

Денес, пред да ги испрати во вечноста своите блиски пријатели и колеги, Ана за првпат се огласи на својот профил на Фејсбук.

„Си замина дел од моето второ семејство. Заедно со нив и душава моја. Остана само пепел и празнина... А кој би рекол дека празнината може толку да боли,“ напиша таа.

Во знак на почит, Ана ја промени својата профилна фотографија со слика на која е заедно со својата трагично почината колешка Сара Пројковска. Во описот додаде емотивни зборови:

„Љубовче мое, даденце мое, ангелу мој, душо на мојата душа, ќе те сакам додека дишам и постојам, а ќе болиш секој ден…“

Погребот на Сара Пројковска е закажан за денес, во 12 часот, на гробиштата во Лисиче.